Бајден најави „одмазда“, ЕУ излезе со осуда, а во Техеран се слави со „Смрт за Америка и Израел“

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави ноќва дека има „активна дискусија“ меѓу американските и израелските официјални лица за тоа како треба да изгледа одговорот на Израел на ракетниот напад од Иран, додавајќи дека „останува да се види“ какви последици ќе претрпи Техеран.

ЕУ, пак, остро го осуди иранскиот балистички ракетен напад врз Израел и повика на итен прекин на огнот на целиот Блиски Исток.

„Опасниот циклус на напади и репресалии се заканува да излезе од контрола“, објави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на социјалната мрежа „Икс“.

Од друга страна, иранската државна телевизија објави слики од луѓе во Арак, Ком и Техеран кои го слават ракетниот напад на Иран врз Израел. Некои извикуваа пароли: „Господ е голем! Смрт за Америка. Смрт за Израел“.