„Бајач“ од скопско излажал брачен пар од Берово и им одзел 400 илјади евра
На трети јули годинава 76 годишно лице со иницијали Б.Д. од Берово во СВР Штип пријавило кривично дело – „измама“ против лице на возраст од 54 години со иницијали Д.И. од скопско Трубарево.
Според пријавителот во период од 2022 до СЕГА пријавениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување на факти ги довел и ги држел во заблуда пријавителот и неговата сопруга М.Д. прикажувајќи се самиот себе како лице со посебни паранормални способности (наводен „бајач“, истерувач на духови и магии) , односно како “Божји човек” кој има моќ и сила да растури зла маѓија што наводно била направена над нивниот син и што наводно му го загрозувала неговото здравје и живот. Притоа, во наведениот речиси три годишен период ги навел оштетените лица во повеќе наврати на различни локации во Скопје и Берово да му даваат парични средства во висина од 5.000 до 6.000 евра за „помошта“, така што се стекнал со противправна имотна корист од вкупно 400.000 евра за посочениот тригодишен период.
Како што стои во соопштението на МВР за овој случај, веднаш се преземени мерки и активности за расчистување на кривично правниот настан, при што паричните средства кои оштетениот по предходен договор со пријавениот имал намера да му ги даде, биле крим-технички обработени. Така во текот на вчерашниот ден во Берово од слобода се лишени пријавениот Д.И. и неговата мајка 76 годишна мајка со иницијали Д.И. исто така од Трубарево, кај која при извршен претрес се пронајдени парични средства во износ од 3000 евра. Од извршениот претрес во нивниот дом во Трубарево пронајдени се и одземени се предмети поврзани со кривичното дело - „измама". По целосно преземени мерки и активности против двете приведени лица е поднесена кривична пријава за продолжено кривично дело „измама" и истите се предадени на Судија за предходна постапка во Основниот суд Кочани, се наведува во билтенот на МВР.