Азески до владата: Да се укинат управните одбори, да се означат службените возила

Да се укинат сите управни одбори, да се сведе на минимун бројот на државни институции а со тоа да се намали и бројот на административци. Парите кои со години се цицаат од државната каса за непродуктивни цели да се пренаменат во стопанството.

Службените возила да бидат означени со посебни таблички бидејќи редовно се злоупотребуваат од страна на функционерите. Претседателот на Стопансдката комора Бранко Азески јавно и посочи на владата што треба да стори ако сака вистински да му помогне на стопанството.

„Од парите кои ќе се заштедат од укинување на сите управни одбори на сите државни компании, не знам што ќе се управни одбори во државни компании, ќе ги редуцираш државните органи и тела, агенции, заводи, бироа и слично, кои во моментов се накотени 1320, и уште 129 илјади вработени во нив. Ќе воведите посебни таблици за службените возила, службените возила ви се наоѓаат сабота и недела за по нивите за швалерај.“ - вели Азески.

Доколку владата искрено се залага за развој на приватниот, тогаш треба веднаш да ги тргне рацете од бизнисот. Ова што сега го прави е популизам во економските политики, вели Азески. На стопанствениците не им требаат правила за работа кои ќе ги воведуваат министерите. Бизнисот испрати и критика до Илинденска број два, дека добиваат недоволна финансиска помош од државата.

„Она што ни се случува нас со мешањето во работењето го уништува бизнисот. Нема да работите во недела, толку ќе ставате маржа, толку ќе плаќате минималец.“ - вели Азески.

Експертската јавност е на став дека мала економија како македонската не може да опстане на долг рок доколку нема солидна вредност на извозот. Тоа засега Македонија го нема поради недоволното производство на производи со додадена вредност. Тоа под итно треба да се промени.

„Проблемот на македонскиот извоз и на македонската економија е што динамиката на растот на увозот е значително поголема од динамиката од растот на извозот. Како резултат на тоа имаме хронично зголемување на трговскиот дефицит.“ - вели Дарко Лазаров Универзитетски професор.

Од Стопанската комора посочија дека подготвиле документ на кој се потпишани сите бизнис здруженија, поголемите универзитети, МАНУ, а сега на ред се потитичките партии кои се во Собранието, кои треба да бидат гарант дека ќе се работи на нова 10 годишна стратегија за развој на економијата во Македонија.