Австриски новинар: Софија во Берлин се повлече од блокада за Македонија, па потоа се врати на старите позиции
Македонија и Бугарија постигнале договор за надминување на најавената блокада во Европската Унија на минатонеделниот состанок во Берлин, организиран од германското МНР, тврди австрискиот новинар Кристијан Фердинанд кој денеска на својот фејсбук профил го објави неформалниот документ кој го договориле македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.
Сепак, пишува Фердинад, официјална Софија се премислила во последен момент. Во документот составен од девет точки главниот компромис е направен во однос на македонскиот јазик.
„Бугарија го задржува правото, да изјави дека кога се повикува на македонски јазик, го разбира македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. Претседателството на Германија ќе побара од Советот на Европа официјално да ја забележи бугарската позиција дека кога се однесува на македонскиот јазик, тоа треба да се гледа во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. Македонија е подготвена официјално да објави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“
Ова би значело дека за останатите членки на Европската унија јазикот останува македонски.
Освен ова неформалниот документ предвидува и засилување набилатералните односи со особен фокус на работата на Мешовитата историска комисија, соработка во делот на економијата, образованието, медиумите и развој на Коридорот 8 кој превидува железниќко поврзување од Драч, Албанија преку Скопје до Софија и Варна во Бугарија.
За неформалниот договор во Берлин посведочи и претседателот на државата Стево Пендаровски во изјава за 360 степени. Пендаровски вели дека откако Захариева се вратила во Софија наводно тоа што било усно договорено подоцна е одбиено и од бугарскиот претседател Румен Радев и од премиерот Бојко Борисов.

