Австралиски универзитет нуди по 1.500 долари за враќање на кинески студенти преку трета земја
Foto

Австралиски универзитет нуди по 1.500 долари за враќање на кинески студенти преку трета земја

Еден од водечките универзитети во Австралија соопшти денеска дека им нуди на кинеските студенти по 1.500 австралиски долари  доколку патуваат низ трета земја, со цел минимизирање на влијанието на забраната за странците кои пристигнуваат од Кина.

Австралија од 1 февруари забрани влез на странци кои пристигнуваат директно од Кина, наведувајќи ја потребата да се запре ширењето на вирусот сличен на грип што се појави во Кина кон крајот на минатата година.

Забраната беше продолжена вчера до 29 февруари.

Австралиската учебна година веќе е во тек и универзитетите стравуваат дека илјадници студенти ќе се повлечат и ќе разгледаат меѓународни алтернативи ако не се во можност да дојдат на своите часови за неколку недели.

Владата на Австралија соопшти дека се додека студентите се надвор од Кина 14 дена, ќе им биде дозволено да влезат во земјата.

Универзитетот Западен Сиднеј соопшти дека ќе им понуди на кинеските студенти еднократна исплата доколку ги исполнат тие услови.

„Во знак на признание за дополнителните трошоци направени за патување низ друга земја, Универзитетот понуди да им помогне на студентите со еднократна исплата за субвенција од 1.500  долари“, наведуваат од Универзитетот.

 

Странските студенти „носат“ околу 35 милијарди американски долари годишно за австралиската економија, при што на кинеските студенти отпаѓа околу една третина од таа бројка.

0 Коментари

Остави коментари