Австралија: Борбата со пожарите преминува во офанзива
Foto

Австралија: Борбата со пожарите преминува во офанзива

Денеска за прв пат во последните неколку недели, борбата со пеколните пожари во Австралија преминува од дефанзива во офанзива, благодарение на подобрувањето на временските услови. Според информациите кои доаѓаат од тимовите на терен, катастрофата која започна кон крајот на 2019, конечно почна да го губи интензитетот.

„Ситуацијата се промени, конечно. Сега можеме да излеземе пред огнената стихија и да преминеме во офанзива. Досега можевме само да се браниме.“ - вели Дејл Меклин – пожарникар.

Последиците што ги оставија апокалиптичните шумски пожари на овој континет се несогледиви. Бројките од досегашните анализи се застрашувачки. Повеќе од 27 луѓе загинаа, над 2000 домови се пеплосани, во воздухот се ослободени 350 милиони тони јаглерод диоксид, и најпоразителна е бројката на угинатите животни, дури една милијарда. Владата на Нов Јужен Велс се обидува да обезбеди доволни количества храна за животните во загрозените подрачја, па со хеликоптери испуштаат илјадници килограми моркови и слатки компири за кенгурите.

„Обезбедувањето дополнителна храна е една од клучните стратегии кои ги користиме за да го свртиме вниманието кон опстанокот и закрепнувањето на загрозените животни. Кенгурите обично го преживуваат пожарот, но потоа остануваат заробени со ограничено количество на природна храна бидејќи огнот ја уништил вегетацијата околу нивното живеалиште.“ - изјави Мет Кин – министер за енергија и животна средина.

По оваа најголоема катастрофа, експертите предупредуваат дека целосно ќе се промени и екосистемот во Австралја, а светот ќе се соочи и со недостиг на храна.

„Австралија е најголем производител на пченица, чии посеви се целосно уништени. Но постојат и други последици кои се помалку очигледни, а кои ќе доведат до недостиг на храна. Сега ослободените загадувачките материи во воздухот ќе уништат вегетација која е стотици километри оддалечена од пожарите.“ - изјави  Тимоти Чајлдс – инженер во НАСА.

Во Австралија пристигнува помош од секаде, донираат поединци, луѓе од цел свет, стигаат милионски суми од музички, филмски и спортски ѕвезди, но според екпертите, ќе бидат потребни стотици години, за да екосистемот на континетот се доведе во првобитна состојба.

0 Коментари

Остави коментари