АВМУ да изготви студија за ТВ 24 – за вршење ТВ емитување на национално ниво
Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во следните 60 дена има обврска да изготви студија за оправданост за објавување на јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс. Оваа обврска за АВМУ доаѓа по пресудата на Вишиот управен суд повторно да го врати барањето на Телевизија 24 за зрачење на национално ниво, преку дигитален терестријален мултиплекс. Агенцијата ќе го послуша и судот и наместо надворешна фирма, студијата ќе ја спроведе со сопствените капацитети.
„Одлуката на судот е сосема јасна, нема потреба од дебатирање или дискусија од моја страна. Значи, треба да се спроведе и да се изврши тоа. Се налага конкретно и директно да Агенцијата ја изврши анализата а не како што претходниот пат правевме, да се ангажира надворешна фирма. Така да јас ќе го поддржам предлогот а мислам и дека немаме некој голем избор. Едноставно треба да се спроведе судската одлука“, вели Лазо Петрушевски претседател на Советот на АВМУ.
Ова барање на Телевизија 24 повторно е вратено на одлучување во АВМУ, по пресуда на Вишиот управен суд кој ја поништи првичната одлука на Агенцијата како неоснована која пак беше со негативно мислење.
Од Вишиот Управен обрзложија дека Управниот суд неосновано ја одбил тужбата на 24 Вести против Агенцијата за аудио визуелни медиумски услуги, и додадоа дека пресудата на Управниот суд е неправилна и незаконита. Вишиот суд утврдил и суштествена повреда на одредбите на постапката најмногу поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право во претходната студија која ја изготвувала фирма најмена од страна на АВМУ преку јавен оглас. Истата таа фирма на неколку пати била ангажирана да изготвува анализи токму по барањата на Телевизија 24 за добивање на зрачење на национално ниво преку дигитален терестијален мултиплекс.
Трговското радиодифузно друштво 24 Вести од 2018-та година води постапка за добивање на ваква концесија. По неколкуте негативни одговори кои телевизијата ги доби по анализите направени од истата фирма, сега последните две пресуди на надлежниот суд се во корист на 24 Вести по кои постапката се враќа на одлучување во Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги.