Аукција за Кочани: Собрани 30 илјади евра за помош на настраданите
Околу 30.000 евра се собрани на вчерашната хуманитарна аукција на уметнички дела за помош на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, информираа денеска од иницијативата „Support Kocani“.
На аукцијата која се одржаа во кочанскиот културен центар „Бели Мугри“ во организација на „Support Kocani“ и културниот центар, наддавање имаше за 150 дела од уметници од цела земја.
Александра Димитрова, раководителката на галеријата во културниот центар, рече дека иако на почетокот не биле сигурни колкава заинтересираност ќе има, сепак на крајот граѓаните ја покажале својата хуманост.
На аукцијата покрај граѓаните и колекционерите, учествуваа и претседателката на државата Гордана Сиљаноска Давкова, в.д градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски, лидерот на СДСМ Венко Филипче пратениците, Павле Арсоски и Миле Лефков, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски како и локални бизнисмени.
Аукцијата се случуваше по вчерашниот протестен марш на семејствата на жртвите во Кочани, на кој уште еднаш беше испратена пораката за неселективна истрага и правда за сите загинати во катастрофалниот пожар. Мајките на децата што загинаа во дискотеката „Пулс“ побараа да одговараат сите виновници вклучително и полицајците и полициските командири кои не го спречија одржувањето на концертот и не успеаја навреме да реагираат.
Денеска, во знак на почит кон загинатите во Кочани се одржа велосипедска тура „62 километри“, по стариот пат во правец на Штип и назад. Дополнително во Варна, Бугарија се организира хуманитарен натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија. Приходот ќе биде дониран за семејствата на настраданите и повредените во пожарот.