Атина ќе го информира Скопје за ратификацијата на Преспанскиот Договор и протоколот за НАТО
Foto

Атина ќе го информира Скопје за ратификацијата на Преспанскиот Договор и протоколот за НАТО

По добивањето на Вербалната нота со која Атина денеска треба да го информира Скопје дека се ратификувани Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО и исполнувањето на сите правни услови за влегување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани, почнува примената на новото име Република Северна Македонија. Во Службен весник ќе биде објавен датумот на влегување во сила на уставните амандмани и уставниот закон. Веќе почнаа и практичните подготовки за примена на новото име. Натписот „Влада на Република Македонија“ е отстранет од зградата. Владата, Собранието и министерствата се очекува да бидат првите кои уште во текот на неделава ќе ги постават новите натписи. Денеска треба да бидат поставени и првите табли со „Северна Македонија“ на граничните премини, а првиот ќе биде граничниот премин „Богородица“, главниот премин на границата со Грција. Потоа, Република Северна Македонија и Република Грција ќе достават заедничко писмо до генералниот секретар на ОН, со кое го информираат за датумот на влегување во сила на конечната спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји. Потоа за промената на името ќе бидат информирани и земјите членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останати меѓународни организации. Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос, ги појасни следните чекори откако грчкиот Парламент во петокот даде зелено светло за Протоколот за членство во НАТО, а на 25 јануари го ратификуваше Договорот од Преспа.

 

„Во понеделник ќе биде испратена Вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот и во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што од сега па натаму признавањето да биде со новото уставно име“. - изјави Катругалос.

Грчките медиуми, од синоќа, ја објавија веста дека се подготвени таблите со новото име. Новите официјални табли во Скопје со името Република Северна Македонија се отпечатени и подготвени да се постават во земјата, пишува „Катимерини“. Европската Комисија се подготвува за неколку дена да почне да го користи новото име „Република Северна Македонија“. Откако двете земји го ратификуваа договорот, Европската Комисија чека да завршат сите предвидени процедури меѓу Скопје и Атина за да влезе во сила употребата на новото име во европските институции. Според дипломатски извори, ЕК очекува известување од Скопје до среда оваа недела, паралелно со известувањето до ОН.

0 Коментари

Остави коментари