Атина и Скопје остануваат на своите позиции за употребата на името на државата

Уште една порака од Грција - Уставното име е ерга омнес и така треба да се употребува, претседателот и премиерот не се обични граѓани - тие ја претставуваат државата.

Ова е коментар на заменичката министерка за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу, за ставот на Сиљановска Давкова и на Мицкоски дека го почитуваат Преспанскиот Договор, но дека имаат право на слобода на изразување и затоа место Северна Македонија, може да ја нарекуваат државата само Македонија. Пападопулу која е во дводневна посета на Скопје, во интервју за 360 степени, порача:

- Кога премиерот, претседателот или министерот за надворешни работи, или министерот за одбрана зборуваат во официјален капацитет, тие ја претставуваат државата, а државата има уставно име кое е утврдено и договорено со меѓународен договор заклучен во рамките на резолуции на Советот за безбедност на ОН. Дозволете ми уште еднаш да појаснам – ова име, уставното име на земјата е име за севкупна употреба (ерга омнес) договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање. - Александра Пападопулу заменик МНР на Грција.

Пападопулу вчера го придружуваше шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, кој учествуваше на Самитот на шефови на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Герапетритис седеше на столчето до Сиљановска Давкова, остана еден час во Скопје и официјално немаше билатерлани средби.

Сиљановска Давкова, пак, по завршување на Самитот, изјави дека за време на Самитот не се отворила темата- Преспански Договор и дека според неа атмосферата била пријатна. За време на прес конференцијата, шефицата на државата, ниту еднаш не го спомна името Северна Макеоднија, но не го кажа ниту Македонија. Сепак се повика на индивидуалното човеково право, за користење на старото уставно име.

- Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, се толкува како да е официјален чин, ама секој од нас има , како Јанус со две лица – едно официјално и едно друго. Јас како човек имам право, повторувам, од Сократ до денеска, во рамките на слободата на мислата и слободата на изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам. - изјави Гордана Сиљановска Давкова претседателка на Северна Македонија.

Во меѓувреме, денеска, заменичката на Герапетритис имаше средба претседателот на Собранието Гаши, со лидерот на ДУИ Али Ахмети, но и со идниот владин партнер на Мицкоски - Арбен Таравари.