Атентат врз Кирк
Десничарскиот активист и близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, 31-годишниот Чарли Кирк, беше застрелан на митинг во американската сојузна држава Јута.
Атентатот врз десничарско-конзервативниот активист Чарли Кирк се случи за време на настап на универзитетот Јута Вали. Кирк говори на мала сцена. Потоа се слуша истрел и 31- годишниот Кирк си го допира вратот. Сторителот испукал еден единствен истрел од покрив од околу 180 метри оддалеченост.
„Бев многу блиску, и слушнав тап звук, Не ми се веруваше. Течеше крв од неговиот врат“. - жена, сведок на настанот.
Бо Мејсон, комесар за јавна безбедност на Јута
„Инцидентот се случил среде голема толпа народ. Сторителот е во бегство. Сметаме дека се работи за напад во кој едно конкретно лице е таргетирано“.
Во првите часови од истрагата, две лица кои беа уапсени набрзо беа ослободени бидејќи беше утврдено дека немаат никаква врска со пукањето. Американскиот претседател Доналд Трамп нареди американските знамиња да бидат спуштени на половина копје до недела во негова чест.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Чарли инспирираше милиони. Сите кои го познаваа и го сакаа се обединети во шок и ужас. Тој беше патриот кој го посвети својот живот на слободната дебата и на татковината што толку многу ја сакаше – Соединетите Американски Држави“.
Трамп најави дека неговата администрација ќе ги пронајде и казни сите одговорни за злосторството, предупредувајќи дека „екстремното левичарско политичко насилство премногу често ја потресува нацијата“. Успешната радио личност и подкастер Кирк беше шеф и ко-основач на организацијата „Пресвртна точка САД“, која се залага за ширење на многу конзервативни вредности во средните училишта, колеџите и универзитетите. Таа брои повеќе од четврт милион членови студенти.

