Атанасоски во СТУДИО 10: Силните го прават тоа што сакаат а слабите она што мораат - ние не смееме да останеме изолирани

Во спорот со името со Грција политичарите тврдеа дека времето работи за нас, а на крајот излезе дека не само што не работи за нас туку го загубивме и времето и името, а спорот со Грција можеше да се реши во 1999 година и сега ќе бевме членка на ЕУ,  вели  политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во СТУДИО 10 на ТВ 24..

 

- Ако го рушиме овој француски предлог, ви гарантирам дека ќе изгубиме 10 години. Не го бранам овој предлог, сметам дека со него Македонија губи многу, но и животот и политиката се многу сурови. Силните го прават тоа што сакаат а слабите она што мораат, рекол Тукидид и тоа се уште важи. Затоа мораме да бараме компромиси, вели Атанасоски.

Атанасоски е на став дека мораме да создадеме национален консензус за националните интереси и за тоа треба да имаме национална стратегија без оглед на тоа кој е на власт.

- На Македонија треба да и се гарантира дека после ова нема да има уште едно вето, а доколку се случи ние ќе ги прекинеме преговорите оти овој народ нема повеќе нерви да ја игра оваа игра, вели Атанасоски.

Атанасоски вели дека не смееме да си дозволиме да останеме изолирани и Албанија сама да го продолжи процесот. Балтичките и други земји преговараа по 5 години за влез во ЕУ, а ние чекаме 17 години само за да ги почнеме преговорите.

- ЕУ е заморена од проширувањето. Видете колку долго траат преговорите на Србија и Црна Гора. Но, тие ги користат европските фондови и се развиваат додека траат тие преговори. Отворањето на поглавјата е суштинско за решавање на проблемите внатре во државата кои ги засегаат самите граѓани, вели Атанасоски наведувајќи дека станува збор за милијарди евра претпристапни фондови за развој на земјата.

И токму во Бугарија може да се види колку и помагаат на земјата таквите претпристапни фондови од кои ќе бидеме лишени ако го прекинеме процесот со меѓупартиски препукувања, коментира Атанасоски.