Атанасоски во СТУДИО 10: Албанските партии постојано повторуваат дека се залагаат за ЕУ, не смеат да си дозволат да ја изолираат државата поради етнички барања
Се надевам дека уставните измени ќе бидат конкретно и само за внесување на Бугарите и неколку други делови од народи во Уставот, а дека нема да се вметнуваат етнички барања како преформулирање на албанскиот јазик кои можат да предизвикаат етничка криза, вели политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во СТУДИО 10 на ТВ 24..
- Дел од политичкиот фолклор е на дел од албанските националисти да наметнуваат етнички прашања во ситуации на државна криза. Ако продолжат со таа реторика повторно ќе останат во опозиција и нема да ја победат ДУИ што велат дека им е целта, вели Атанасоски.
Атанасоски вели дека во иднина може да се разговара за ова прашање и според него треба да се додаде формулацијата „20 отсто кои го говорат албанскиот јазик“ наместо „20 отсто кои не го говорат македонскиот јазик“.
- Ние сме сега во цајтнот, а власта мора да обезбеди 80 пратеници за да не се урне францускиот предлог. Албанските партии, кои постојано повторуваат дека се залагаат за ЕУ, не смеат да си дозволат да ја изолираат државата поради етнички барања, вели Атанасоски.