Атанасоска во 24 анализа: Еден месец користам сензор за мерење на шеќер во крвта кој си го набавив сама

Координаторката на оперативниот тим за одржливост на на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија и пациентка со Т1 дијабетес, Ангела Атанасоска  во 24 анализа рече дека сензорот за мерење на нивото на шеќер во крвта кој моментално го користи еден месец си го набавила сама а трансмитер добила на реверс од Клиника. Според неа сензорите се многу важни бидејќи од нив зависи квалитетот на животот на сите пациенти.

„Имам 11 години дијабет и претходно не сум имала сензор и сега забележувам што сум можела да превенирам во претходните 11 години а тоа значи животот на едно лице со Т1 дијабет подразбира целосна контрола во секој момент. Гликемијата се покачува од разни фактори, без инсулин не можеме никогаш. Инсулинот го внесуваме со повеќекратни боцкања во текот на денот. Сензорот на секои пет минути мери гликемија. Сите ние кои немаме сензори треба да го мериме нивото на шеќерот во кррвта од 2 до 3 часа и во тој период ние не знаеме што се случува со шеќерот“, изјави Атанасоска.

Според неа лицата со дијабет мора да го контролираат нивото на шеќер и во текот на ноќта бидејќи доколку има покачување може да настанат компликации.

„Животот на лице со дијабет при спиење е тоа што  сензорот алармира дали шеќерот оди надолу или нагоре и може веднаш да не разбиуди и да реагираме. Ако шеќерот е висок преку цела ноќ може да донесе компликации“, рече Атанасоска.

Таа потенцираше дека се надева и на поквалитетни глукомери затоа што како што рече Атанасоска од нивното мерење зависи каква терапија ќе примат.