Асоцијацијата на архитекти организира две изданија на БИМАС

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) од денеска до 29 септември ќе организира две изданија на Биеналето на македонската архитектура (БИМАС). Заедно со годинашното, 21-во издание, ААМ го организира и претходното, 20-то издание на БИМАС, кое беше одложено поради пандемијата.

-Настанот оваа година е планиран како интегрален, за две изданија. Биеналето ќе се одржи во галеријата Мала станица и во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје. Во период од две недели, во двата музејски простора, ќе бидат изложени проекти, реализирани објекти и урбанистички проекти од македонски архитекти и автори, од  2018 до 2020 и од 2021 до 2023 година, соопшти ААМ. 

Во 20 часот вечер во Мала станица БИМАС ќе биде свечено отворено, а доделувањето на  наградите е планирано за 29 септември 2023 во 19:30 часот во МСУ-Скопје.

Во овој период, како што информира ААМ, ќе бидат организирани и студентско биенале и Балкански архитектонски форум. Влезот е слободен за сите настани и изложби.