Ашаданов пред стартот на евроквалификациите: Примарна цел е да почнеме со победа
Македонската женска кошаркарска репрезентација вчера во некомплетен состав ги почна подготовките за настап во квалификациите за пласман на Европското првенство, кои избраничките на селекторот Александар Ашаданов ќе ги стартуваат в среда против Данска во Скопје.
Доцното завршување на клупските обврски во Италија услови првиот тренинг да го пропуштат Матеа Николиќ и Тијана Митрева, кои ќе се приклучат на утрешниот утрински тренинг, а поради повреда и приватни обврски, во ноемврискиот циклус Ашаданов не може да смета на најискусните, двоецот од екипата на Баскет Кам - Ивана Кметовска и Цветанка Димова.
Македонските кошаркари ќе играат во групата Ф во која се и репрезентациите на Грција и Хрватска.
„Нè очекуваат доста тешки натпревари со екипите на Данска, Грција и Хрватска. Но да одиме чекор по чекор. Најпрво, следува натпревар в среда, со репрезентацијата на Данска на домашен терен. Играме против репрезентација која играше доста добро во претходните квалификации. Но нашата примарна цел е овој циклус да го отвориме со победа“, изјави селекторот Ашаданов пред почетокот на новата квалификациска сесија.
По воведниот дуел против Данска, в среда со почеток во 17 часот во СРЦ „Кале“, избраничките на Ашаданов в сабота ја пречекуваат Грција, а ноемврискиот циклус ќе го заокружат со дуел на гостински терен против Хрватска, во вторник во Славонски Брод.

