Артан Груби излегува од домашен притвор
Поранешниот вицепремиер Артан Груби повеќе не е во домашен притвор. По речиси осум месеци, денес му истекува законскиот рок на мерката куќен притвор.
Груби е во фокусот, откако неодамна од Основниот кривичен суд најавија дека на 13ти октомври истекува законскиот рок од 60 дена, кој се брои од денот на поднесување на обвинението во случајот за злоупотреба во Државна лотарија, во кој Груби е второобвинет.
КРИВИЧЕН СУД - СКОПЈЕ
- Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое мерката куќен притвор за А.Г. се укинува по сила на законот, со оглед на фактот што обвинителниот предлог во конкретниот предмет е поднесен на 13 август 2026 година, а воедно се прифаќа предлогот на Основното јавно обвинителство за определување мерки за претпазливост, и тоа: забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, обврска повремено да се јавува во судот, забрана за приближување односно остварување контакт и врски со одредени лица.
Судот не го прифатил барањето за враќање на пасошот. Одбраната предложила укинување на мерката за одземање на патната исправа со определување гаранција од над 300 илјади евра, но надлежното јавно обвинителство дало негативно мислење. По разгледувањето на предлогот и мислењето на обвинителството, Кривичниот совет донел решение со кое го одбил барањето на одбраната.
КРИВИЧЕН СУД - СКОПЈЕ
- Дополнително, против обвинетиот и натаму останува активна мерката за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница, односно Кривичниот совет постапувајќи по предлог на одбраната на обвинетиот за укинување на оваа мерка со определена гаранција, по добиено негативно мислење од надлежното јавно обвинителство, донесе решение со кое го одби предлогот на одбраната.
Артан Груби е обвинет во предметот „Државна лотарија“ за злоупотреба на службената положба и овластување, односно за предизвикување штета во износ од 9,7 милиони евра. Тој на судењето се изјасни за невин. Поранешниот вицепремиер, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, во февруари годинава се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце, а откако се предаде наместо во затворски, беше ставен во куќен притвор, што предизвика лавина негативни реакции во јавноста, а денес реакција и од опозициската Левица, од каде пак велат - И додека Мицкоски глуми бескомпромисен борец против ДУИ, Груби излегува од куќен притвор, а милијардскиот проект „Бехтел и Енка” продолжува без одговорност за сомнежите што го следат. Едните добиваат слобода од одговорност, другите продолжуваат со договорите, стои во партиското соопштение.

