Арсовска го кани Мицкоски на средба на место, датум и време кое му одговара
Раководството на град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со премиерот Мицкоски. За таа цел, Арсовска го повика Мицкоски да го одреди датумот, местото, темите за разговор но и форматот на состанокот велат во соопштение од Кабинетот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсвска. Дополнително, Арсовска очекува и потврда за предлогот за формирање на заедничко работно тело помеѓу Владата и градот Скопје.
„Теми кои градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на Управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на Јавните претпријатија. Воедно очекуваме и потврда за предлогот за формирање на заедничко работно тело помеѓу Владата и градот Скопје. Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата, во корист на граѓаните на градот Скопје.“- велат од Град Скопје.
Премиерот Мицкоски денеска во изјава за медиумите посочи дека доколку нема прогрес во решавањето на проблемите и состојбите во Град Скопје, ќе мора да се дејствува радикално. Прашан во врска со предлогот на Град Скопје да се формира заедничко координативно работно тело со Владата, како што предложија од кабинетот на скопската градоначалничка, Мицкоски изјави дека ќе направи сè што е потребно за решавање на проблемите во главниот град.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински вели дека очекува разрешница согласно закон кога е во прашање градот Скопје. Перински, ги повикува надлежните институции, да преземат мерки и активности за да се утврди зошто градоначалникот на Град Скопје не постапува согласно со своите надлежности и со тоа го загрозува животот и безбедноста на скопјани.
„Ги разбирам барањата на градоначалниците и во целост се согласувам со нивниот став дека скопјани, за жал, поради една личност, која го окупира градот, живеат во супстандардни услови. Чекорот преземен од градоначалниците е сублимат од гневот на граѓаните, кои секојдневно се обраќаат до нив. Суштината е дека секое непостапување, согласно со надлежностите, кои се утврдени со закон и за којшто зема плата од скопјани, само по себе е прекршување на законот, коешто може да се третира и како злоупотреба на службена положба и овластување,“ вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
По однос на најавената вонредна ревизија на сите јавни претпријатија која ја најави Град Скопје, побаравме одговор дали вонредната ревизија е започната и дали има некакви резултати од истата вонредна ревизија во сите јавни претпријатија, но одговор од Град Скопје не добивме.