Арсовска ги обвинува приватните превозници за криминал, тие демантираат и го бараат долгот од градот Скопје
Првиот човек на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски ги демантираше обвинувањата кои градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска ги упати кон приватните превозници. Јовановски и Димитриевски рекоа дека ќе поднесат тужби за клевета и нарушување на угледот.
Приватните превозници најавија дека утре со возилата ќе се упатат кон централата на Јавното Сообраќајно Претпријатие каде ќе ги бараат одговорите за актуелниот проблем.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, денеска ги обвини приватните превозници за малверзација. Истакна дека ниту таа, ниту Град Скопје ниту ЈСП нема да бидат дел од криминалот кој, како што посочи траел од крајот на 2017 година-токму од тој период не била пријавена продажба на ниту еден билет.
Арсовска рече дека средствата кои ЈСП ги исплаќале кон „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, градот не знае на кој начин биле распределувани и кој превозник колку средства добил. Додаде дека ќе се објави јавен повик на кој, секој од сегашните приватни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да аплицира и да добие линија со исполнување на условите кои ќе бидат објавени во повикот.
Четврти ден како ниту еден автобус од приватните превозници не сообраќа. Приватните превозници и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска си ја префрлаат вината, а граѓаните во средина-реагираат тие. Најголем проблем е за оние кои не живеат во близина на центарот на градот, а линијата која им одговара до живеалиштето во моментов не сообраќа. Принудени се да одат пеш во овие студени денови, месечните примања не им стигнуваат за да користат такси.