Арсовска до Ѓорѓиевски: „Ајде на дебата, со аргументи и факти, за долговите и вработувањата“

Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи упати јавна порака до актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го за изнесување неточни информации во врска со долговите и состојбата со вработувањата во градската администрација.

Арсовска побара од Ѓорѓиевски јавно да ги објави сите фирми на кои Град Скопје има долгови, заедно со фактури и датуми на доспевање, за, како што наведува, „граѓаните да видат кој лаже“. Таа дополнително го повика да објави список со сите 500 вработени во градската администрација, со податоци за нивното присуство на работа, обвинувајќи дека дел од нив биле отпуштени за да се направи место за „партиски кадри“.

„Три години за корка леб работеа луѓе кои ги избрка за да ги замени со свои партиски војници“, напиша Арсовска, додавајќи дека „народот знае кој лаже“.

Во објавата таа исто така порача дека нема да се вклучи во политички препукувања преку соопштенија и „ботови“, туку го повика Ѓорѓиевски на јавна дебата, на медиум по негов избор, „каде што ќе може да се соочат аргументите и фактите“ во врска со долговите и вработувањата во Скопје и во општина Кисела Вода.

Од Град Скопје засега нема официјален одговор на нејзината објава.