Армијата го одбележува 27-от роденден
Foto

Армијата го одбележува 27-от роденден

Со пригодна свеченост во Центарот за обука на вода во Охрид денеска беше одбележан 18 август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

Во обраќањето пред бројните гости на централната свеченост претседателот и врховен командант на Армијата Стево Пендаровски потсети на историските зачетоци на современата македонска армија, од 18 август 1943 година кога на Славеј Планина беше формирана првата голема воена формација, Првиот баталјон именуван во чест на паднатиот борец и народен херој, член на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди – Мирче Ацев.

 

Претседателот потсети дека по повеќе од две децении реформи и решавање на долгогодишниот спор околу името со Грција, земјата е на чекор од полноправно членство во НАТО.

Тој даде ветување дека како врховен командант ќе инсистира на подобрување на животниот и професионалниот стандард на војниците, како и поддршка на реформите во одбраната. Свое обраќање пред присутните имаше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која истакна дека Армијата својот 27. роденден го празнува во година за која забележа дека е година на успех, година во која се заокружува патот на државата кон членството во НАТО.

Потсетувајќи на секојдневниот ангажман на Армијата во изминатиот период, од сите редовни активности, учеството во мировни мисии во странство, но и акции во вонредни ситуации, па се до крводарителски и акции за спасување, Шекеринска ја истакна обврската на државата и системот да обезбеди најдобар тренинг, најдобра опрема, како и постојано инвестирање во обука на војниците и старешините.

 

Министерката за одбрана истакна дека таквите заложби за натамошните заложби за опремување и модернизација на вооружените сили се дел од Долгорочниот план 2019-2028, што предвидува измена на клучните закони и воведување на НАТО правилата, а насочени кон мореднизација на Армијата и подобрување на нејзините оперативни способности.

 

Во рамки на свеченоста во Охрид беше одржана и церемонија на која претседателот на државата Стево Пендаровски ги врачи ордените за воени заслуги доделени на Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје, како и Сквадронот на транспортни хеликоптери од воздухопловната бригада на Здружената оперативна команда при Армијата на РСМ.

0 Коментари

Остави коментари