Апелација за Незири и Рамдедовиќ: Немало доволно докази дека ќе избегаат
Не биле понудени доволно докази за можно бегство, па осомничените за упадот во М-НАВ, Беким Незири и Алмир Рамдедовиќ се пуштени од домашен притвор.
Двајцата беа во групата од четворица осомничени кои беа приведени ден по упадот во македонската навигација и првично им беа дадени поблаги мерки за обезбедување, но потоа по жалба на обвинителството добија домашен притвор, а сега се и ослободени од истиот.
„Ниту во обжаленото решение со кое Кривичниот совет при првостепениот суд определил мерка куќен притвор не се наведени образложени причини релевантни за донесување на одлуката за преиначување на решението на судијата на претходна постапка и определување на мерка куќен притвор“, се вели во одлуката на Апелациониот суд Скопје за Незири и Рамдедовиќ.
Беким Незири, кој што е шеф на чаирскиот ограниок на ДУИ и советник во М-НАВ и Алмир Рамдедовиќ се двајца од осумте насилници кои упаднаа во македонска навигација додека над македонското небо имаше 40 прелети меѓу кои и на авиони на НАТО. Двајца директори како последица на ова беа сменети.