Апелација повторно го осуди Васил Јованов на 3 години и 10 месеци за трговија со наркотици

Апелациониот суд повторно го осуди Васил Јованов на три години и десет месеци казна затвор за случајот за поседување и трговија со наркотници, откако претходно Врховниот суд ја укина второстепената одлука и го врати случајот на повторно судење.. Оттаму соопштија дека жалбата на обвинетиот Јованов е неоснована. 

Апелационен суд Скопје: „Решението на Основниот кривичен суд Скопје од 31.07.2024 година, го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом на начин што за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 1-една година и за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 в.в член 22 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3-три години и согласно член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на единствена казна затвор во траење од 3– три години и 10-десет месеци.“

Скопска Апелација во февруари ја одби жалбата на Васил Јованов за ова дело, а жалбата на скопското Обвинителство ја уважи и преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – мерката Упатување во воспитно-поправен дом и го осуди на единствена казна затвор во траење од три години и десет месеци, но Врховниот суд на 7 мај ја укина оваа пресуда и случајот го врати на повторно судење. 

Претходно во февруари, по реакциите во јавноста за овој случај, Судски совет утврди дека не бил прекршен законот при санкционирањето на Васил Јованов. Комисијата, констатираше дека судијката Даниела Алексовска-Стојановска ја донела одлуката за изрекување заводска мерка согласно член 70 од Законот за правда на децата во кој е регулирано дека за време на пресудувањето на полнолетно лице кое не наполнило 21 година може да му биде изречена заводска мерка ако со оглед на неговата личност и околностите под кои е сторено делото може да очекува дека со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекување на казната.

Пред два месеци, Кривичниот суд ја донесе пресудата и за делото кое Васил Јованов го стори кон крајот на јануари оваа година-прегазување на пешакот Фросина Кулакова преминувајќи на црвено светло на „Партизански одреди“, управувајќи возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол. Тој призна вина и беше осуден на казна затвор од 12 години.

Додека пак, судењето против Зоран Јованов, татко на Васил, кое требаше да се одржи во јуни, истото се одложи поради отсуство на обвинетиот Зоран Јованов, кој според судијката Снежана Марковска бил неуредно повикан-констатирано од повратниците на поканите кои пристигнале до Судот. Следното рочиште за овој предмет е закажано за 3 септември, а обвинението против Зоран Јованов се однесува на тоа дека во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година му дозволувал на својот син Васил, кој немал возачка дозвола и бил рецидивист во сообраќајни прекршоци, да управува возило.