АПЕЛАЦИЈА ОДЛУЧИ: КУЌЕН ПРИТВОР ЗА КАТИЦА ЈАНЕВА

По три месеци во притвор Катица Јанева ја напушти затворската ќелија и замина дома .

Апелација денеска ја прифати нејзината жалба во која има медицински документи за сериозни проблеми со срцето од клиниката Жан Митрев. Одреден и е домашен притвор и алтернативни мерки. Иако пред еден месец истиот суд одлучи таа да остане во притвор поради опасност од бегство.

„Ги уваживме двете жалби и од неа и бранителот во кои се наведени околностите дека нема да беа, пасошот и е земен,  има забрана за комуникација со трети лица, лоша здравствена состојба, а имаме и лекарска документација  дека има кардиолошки проблеми.“ - велат од Апелација.

За случајот „Рекет“ во притвор остана уште Бојан Јовановски. Неговиот адвокат денеска алармираше дека му откажал едниот бубрег, има сериозни проблеми со желудникот и крварел кога ги извршувал физиолошките потреби. Откако е во притвор повеќе од 30 пати бил спроведен на клиниката за торакална хирургија, но никој не одлучува.

Судењето за случајот Рекет е закажано за 3 декември, а Дуковски вели дека во ваква состојба невозможно е Јовановски да ја подготви одбраната. Јанева во меѓувреме не смее да излегува од дома исто како и Кичеец кој прв ја напушти Шутка. Поранешната специјална обвинителка е гонета за злоупотреба на службената положба.

По идеја на Боки 13 прифатила да му ја олесни положбата на Орце Камчев како осомничен во Империја. За тоа бизнисменот дал во ќеш милион ипол евра, а Јанева „ќарила“ 50 000 евра и мебел од 5000 евра, тврди обвинителството. Признавањето на вина останува можност на првото рочиште во декември за сите обвинети, со што би се завршил процесот без да се изнесуваат детали во судница.