Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот „Беса транс“, предметот вратен на повторно судење

Беким Хаџиу, сопственикот на Беса Транс неправедно бил осуден на година и осум месеци затвор за фалсификување на исправа за автобусот, кој пред повеќе од три години, на автопат во Бугарија се запали, а во него загинаа 45 луѓе, најмногу македонски државјани.

Скопска апелација ја укина првостепената пресуда и предметот го враќа на повторно судење. Апелациониот суд соопшти дека жалбите се уважени, а пресудата од 7 март е укината поради суштински повреди во постапката.

- Одлуката е укината, жалбите на обвинетиот како физичко и правно лице се уважени. По жалбите и по службена должност пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење.

Хаџиу беше осуден на една година и осум месеци затвор за користење лажна исправа, извод од лиценца за меѓународен превоз, која не била издадена од Министерството за транспорт и врски. Судот тогаш изрече и парична казна за „Беса Транс“ во висина од 800.000 денари, како и четиригодишна забрана за добивање лиценци за превоз. Според Апелација, фактите не биле целосно утврдени. За адвокатот на Хаџиу Асмир Алиспахиќ,  оваа одлука ја враќа довербата во правдата и најави активна одбрана на повторното судење.

Овој случај не ја опфаќа причината за трагедијата на автопатот „Струма“, туку се однесува само на лиценците што ги користела компанијата. И додека прашањата за фалсификување на лиценцата се на маса, причините за трагедијата остануваат нерешени. За нив, како што велат од Основното јавно обвинителство Скопје, надлежно е обвинителството во Бугарија.

Несреќата се случи на 23 ноември 2021 година на автопатот „Струма“, а во неа загинаа 45 лица, меѓу кои и жени и деца. Автобусот на „Беса Транс“ утрото во 3 часот најпрво удри во банкина, а потоа се запали. Во несреќата се спасија само седум патници. Истрагата за овој случај е завршена, а официјално причината за несреќата е човечка грешка. Според вештачењето, возачот во моментот на ударот возел со 108 километри на час, на место каде максимална дозволена брзина била 90 километри на час.

Според анализите на инспекторите, пламените јазици автобусот го зафатиле за неколку минути. Речиси три години претходно, во автобуска несреќа кај селото Ласкарци на автопатот Скопје - Тетово, се преврте автобус на Дурмо турс, во кој загинаа 16 патници. На 14 години затвор беше осуден возачот на автобусот, а сопственикот на компанијата доби 4 години.