Апелација Гостивар потврди две години затвор за возачот кој прегази младата Теодора, семејството згрозено
„Срам за правдата“, „Подбив со жртвата и нивната болка“. Ова се само дел од реакциите на семејството на Теодора откако Апелациониот суд во Гостивар ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово - со која Менсур Пајазити од Голема Речица е осуден на две години затвор за сообраќајната несреќа - во која во август 2022 година загина 22-годишната Теодора Ристовска.
Наместо вистинска правда, добивме минимализирање на трагедијата која нè скрши. Апелација ми го уби целото семејство - низ солзи ни изјави таткото на Теодора.
За да биде трагедијата уште поголема - на потврдената двегодишна затворска казна право на жалба има само обвинетиот, вели таткото на Теодора. Правда мора да има, а неа ќе ја бараме од меѓунардните судови.
Во пресудата на Апелација до која дојде ТВ 24, Советот на судот оценил дека првостепениот суд правилно постапил при определување на видот и одмерување на висината на казната за возачот Пајазити.
Апелационен суд Гостивар
- Судот ги имал во предвид општите правила за одмерување на казната. Истите ги ценеле правилно и до подеднакво внимание и тоа олеснителните околности изразени во личните и семејните околности на обвинетиот, особено околноста дека обвинитетиот изразил жалење и каење поради извршеното кривично дело, коректно однесување во текот на постапката, како и признавање на вината.
Во пресудата од април годинава, Пајазити беше прогласен за виновен. Тој управувал со брзина од 59 километри на час, која не била прилагодена на условите на патот, и не му отстапил првенство на пешакот, при што 22-годишната Теодора загина на обележан премин.
Првично, во ноември 2023 година тој ја призна вината и доби казна од три и пол години затвор. Апелација ја намали казната на две години, по што Врховниот суд ги укина двете пресуди и предметот го врати на повторно судење. На повтореното судеење во април 2025 година, обвинетиот повторно ја призна вината - добивајќи ја истата две годишна затворска казна.

