Антимонополската управа и по половина година не одлучи дали е незаконски ексклузивитетот на „Телеком“ за емитување на Арена спорт каналите
Foto

Антимонополската управа и по половина година не одлучи дали е незаконски ексклузивитетот на „Телеком“ за емитување на Арена спорт каналите

Институциите со години си играат пинг-понг и ги кршат правата на македонските фудбалски фанови. Антимонополската Управа и по половина година не пресече дали е незаконски ексклузивитетот на „Телеком“ само тој да ги емитува Арена Спорт каналите и престижните натпревари од Лига на шампиони и Лига Европа.

Сега се вадат на Управниот суд. Чекаат дали Судот ќе го потврди решението на претходниот состав на Комисијата, која лани во мај одлучи дека ексклузивниот договор на Телеком за периодот 2015/2018 година е незаконски. Операторите лани бараа од Антимонополската Управа да пресече дали и новиот за сезоната 2018/2019 година е незаконски и да изрече времена мерка за „Телеком“ - забрана да ги емитува Арена спорт каналите додека не им овоможи реемитување и на другите оператори. Но, од Комисијата сега велат двата договори имале врска, иако првиот за кој одлучува Управниот суд е истечен. Откако Комисијата со месеци собирше искуства од регионот и Европа како е решен овој проблем таму, сега повторно одолговлекува – сепак ќе ја почекаат одлуката на Управниот суд за да пресечат.

„Сепак нашето решение зависи од тоа каква одлука ќе донесе Управниот суд, дали ќе го потврди претходното решение на Комисијата. Ќе ја почекаме одлуката, но доколу Судот не донесе решение, за максимум 30 дена ние ќе одлучиме. Правиме напори да донесеме најповолно решение за сите“. - велат од Комисија за заштита на конкуренцијата.

Но, според регулативата по која што работи Комисијата, таа не е задолжена за носење на најповолни решенија, туку нејзината задача е да носи одлуки според закон, кој пак бара од неа да овозможи конкуренција на пазарот. Управниот суд пак предметот во кој Телеком и ХД-ВИН се жалат на одлуката на Антимонополската Управа, го држи речиси цела година. Откако првично по проверката, АКМИСОТ им покажал дека не е донесена одлука, пак го распределија кај друг судија. Сега велат донеле одлука, ама не може да ја кажат.

„Последната информација од судијата е дека одлуката е писмено изготвена и ќе биде експедирана до странките веднаш - велат од Управен Суд.

Но, лавиринтот не завршува тука. Незадоволните страни од одлуката на Управниот суд можат да се жалат до Виш управен суд. Што би значело уште месеци и месеци исчекување. И додека Антимонополската Управа, чија основна функција е да спречи монополско однесување на пазарот, со години ја префрла топката, фудбалските фанови во земјава речиси 5 години се обесправени -зошто не можат да гледаат престижен фудбал од европските купови ако не се клиенти на „Телеком“.

0 Коментари

Остави коментари