Антикризни мерки за подобар живот или за популизам?!

Новиот пакет антикризни мерки повторно ги подели пензионерите. За едни е добар, за други популистички пред избори. Од Сојузот на пензионери ја поздравуваат мерката за поддршка и заштита на стандардот на пензионерите со најниски пензии.

Велат дека висината на финансиската поддршка која пензионерите ќе ја примаат во следните пет месеци ги надминала дури и нивните очекувања.

Сепак, оттаму најавуваат дека во петок овие мерки ќе се дискутираат со нивните членови, па Сојузот ќе соопшти официјален став. Од друга страна, пензионерите кои неколку месеци протестираат, барајќи линеарно зголемување на пензиите се незадоволни од мерките. Велат дека петмесечен додаток на пензијата не е трајно решение, за кое сметаат дека е само во функција на претстојните избори.

Деветтиот пакет антикризни мерки предвидува зголемување на пензиите во следните пет месеци. Оние со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 месечно, за пензија од 14.000 до 16.000 денари по 2.000, додека, за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци, ќе имаат поддршка од 1.500 денари. Со оваа се опфатени над 187.000 пензионери, за што се предвидени 35 милиони евра.

Од инцијативниот одбор на пензионерите прашуваат што со оние кои земаат над 20 илјади денари пензија, а кои мерките не ги опфаќаат. Министерката за труд Јованка Тречевска ги брани мерките насочени кон пензионерите. Вели дека тие немаат никаква врска со изборите, туку со претстојната зима.

Освен пензионерите, новиот пакет антикризни мерки ги опфаќа и учениците, социјално загрозените категории, самохраните родители, лицата со попречености и нивните родители и земјоделците.