Антикорупциска утврдила неправилности во финансирањето на политичките партии

Пет политички партии правеле малверазиции со буџетски пари. Ги користеле средствата што им ги исплатило Министерството за правда за организирање на изборите, што е спротивно на Изборниот законик.

Антикорупционерите ги воочиле овие игри на партиите, префрлање на пари од една на друга сметка, но засега не откриваат кои се тие, ниту пак сумите што биле злоуотребени. Чекаат нивните наоди да ги потврдат и ревизорите. 

„Некои од партиите немајќи доволно средства, било на редовната, било на изборната сметка, ги земаат парите од буџетот и како донација од партијата ги користат за изборната кампања. Ова го воочивме како како разлика-ако остварил донација милион денари, на изборната сметка префрлил три милиони денари. Два милиони денари остануваат нејасно од кои извори се обезбедени. Тоа е тоа што Државниот завод за ревизија да го потврди зашто тие имаат увид во сите приходи.“ - изјави Катица Николовска од ДКСК. 

Антикорупционерите констатирале и злоупотреба на донациите и од физички и од правни лица. Во очи на изборите на сметките на партиите легнале повеќе пари од законски дозволеното. Експертите за антикорупција велат дека донациите не се ограничени секаде во светот, но кај нас тоа се прави за да се спречи корупција.

„Тука почнува корупцијата. Тој што ќе дава пари за политичка партија кај нас очекува дека за тоа ќе добие нешто за возврат, тендери и други привилегии. За да се смали ризокот од корупција кај нас се прифати концептот дека ќе биде лимитирано колку ќе може да даде едно лице и правен субјект. Гледаме на списоците кои што ги објавуваат партиите луѓе кои што се невработени, кои што немаат дома толку средства да внесуваат на сметките на пратиите пари со кои што се доведува лаегитимноста, односно дали се нивни.“ - изјави Слаѓана Тасева, Транспаренси Интернешнал.

Ако претходно партиите добиваа 0,06 отсто од буџетот (1,8 милиони евра), со измените на Законот за финансирање на политичките партии од 2018 година тој процент се зголеми на 0,15 отсто. Во зависност од големината на годишниот буџет, станува збор за сума од 4,5 до 5 милиони евра. Но овие пари не смеат да се користат за избори.

Партиското финансирање долго време е рак рана во македонското општество, пред сè поради нетранспарентниот процес на финансирање, но и поради сомнежите за злоупотреба на државните ресурси за партиски интереси. Сега направен е одреден напредлок, но партиите се уште наоѓаат дупки во законите.