Антикорупциска отвори предмет за генералниот секретар Драги Рашковски
Foto

Антикорупциска отвори предмет за генералниот секретар Драги Рашковски

После министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски под лупата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Антикорупциска денеска го прифати приговорот на ВМРО-ДПМНЕ а во врска со исплата на народни пари на невладини организации од страна на Владата во време на предизборна кампања.

За Катица Николовска член на комисијата спорно е тоа што парите биле исплатени во тек на изборна кампања иако според договорите тоа можело да се случи се' до 19 јули кога изборниот ден веќе ќе биде завршен. Николовска уште се посомнева како било можно за 60 часа, колку што бил рокот за одлука кој ќе ги добие грантовите од огласот, комисијата за вреднување на пријавените кандидати да прегледа 500 пријавени невладини на огласот на владата.

Од Владата велат дека наводите во приговорот на ВМРО-ДПМНЕ се неосновани затоа што исплатата на парите на невладините организации се врз основа на донесена Уредба во време на вонредна состојба а заклучокот на Антикорупциската комисија е паушален.

На ова реагираше претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска која објасни дека постапката се однесува на времето на исплата на парите на добитниците на грантовите а не на постапката според која било спроведено рангирањето на најдобрите навладини организации кои ги добиле парите.

Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси во вторникот поведе постапка за утврдување на одговорност за министерот за здравство Венко Филипче затоа што, како што образложија тогаш од комисијата, во време на изборна кампања Филипче со службено возило бил на партиски настан на СДСМ во Штип.

Според Изборниот законик во време на изборна кампања забрането е исплата на буџетски пари освен за тековни активности планирани во претходната фискална година.

0 Коментари

Остави коментари