Антикорупциска е при крај со истрагата за набавка на вакцините

Истрагата за набавката на кинеските вакцини „Синофарм“, за која опозицијата тврдеше дека е направен криминал од страна на министерството за здравство е при крај,  вели претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.

Истрагата беше отворена во март кога пратеникот Миле Лефков до антикорупционерите поднесе документи со кои тврдеше дека министерството уплатило милиoнски аванс на фантом фирма во Хонг Конг, регистрирана 3 месеци по доаѓањето на СДСМ на власт. 

„При крај е предметот за набавката на вакцините, ќе излеземе во јавност со јасни докази“, информираше Ивановска во студиото на ТВ24.

Антикорупциска во мај информираше дека добила од Народна банка документ за извршена исплата на седум милиони и 800 илјади долари за увоз на стока кое Министерството за здравство го има исплатено на 15 февруари, а Банката  го има реализирано во корист на фирмата - Стабри Интернешенел од Хонг Конг. 

Од Министерството за Здравство ги известиле дека немаат исплатено аванс, извршиле уплата на средства на име гаранција со цел да се изврши резервација на 200 илјади дози вакцини кинескиот Синофарм, врз основа на заклучоци од затворена владина седница одржана на 5.февруари.

На обвинувањата на опозицијата, Министерот Филипче тогаш негираше дека станува збор за некакви незаконски или нерегуларни постапки при набавката на вакцините. Потврди дека пробувале да направат набавка преку фирми по што кинеската амбасада им укажала дека вакцините треба да ги набавуваат директно преку производителот, а не преку фирми посредници.

Сето ова го пролонгираше и пристигнувањето на вакцините во Македонија и стартот на вакцинација на населението.