Антиќ за ТВ24: Имаме проект со кој скопјани ќе се гордеат
Foto

Антиќ за ТВ24: Имаме проект со кој скопјани ќе се гордеат

Две недели до аминување (потпишување) на барањето за дозвола за градење помеѓу Зоран Антиќ, МПЦ и општина Центар за една од најесенцијалните локации за градот, но и државата, локацијата наспроти „Холидеј Ин“. Во овој период од две недели општина Центар треба да изнајде начин дали ќе го суспендира ДУП-от за Градска четврт Ц08 – Ново Маало 2 или ќе ја издаде дозволата имајќи во предвид фактот дека Антиќ и МПЦ ги платиле комуналиите од околу 2.5 милиони евра за земјиште кое е продадено за 2.9 милиони евра. 

Архитекти, планери, урбанисти и останата стручна фела децидни во ставовите дека овој план од 2012-та година ако не се суспендира ќе дозволи да се девалвира просторот овозможувајќи да надвладее профитот.   

„Она што оперативно го предлагам, и инсистирам тоа е: Да се поднесе барање за суспензија за која што градоначалникот имаше услов 10 дена после седницата на Советот пред којшто реферира. Да се искаже Министерството за транспорт и врски како државен субјект, како дел од владата и веднаш да ја издаде суспензијата за да ние можеме да интервенираме директно на планот. Еве и во овој момент кога е јасно дека е неопходно преиспитување на тој простор. Планерското решение да се преиспита. Значи дефинитивно тој план, овој сега што се спроведува не смее да се спроведи. Тоа треба да ние јасно – не смее. Затоа што има низа аргументи коишто укажуваат дека таквото нешто ќе направи голема девастација на просторот и ќе отстапи од нашите принципи“ – вели архитектот, Даница Павлоска – Циги.

Градоначалникот Саша Богдановиќ изјави дека се поднесени суспензивни елаборати до Министерството за транспорт и врски. Правен механизам кој произлегува од Законот за урбанистичко планирање со кој би можел да се оспори моменталниот план со кој се опфаќа и локацијата наспроти „Холидеј Ин“. 

„Ние по задолжението веднаш постапивме до Министерството за транспорт и врски, еве го документот којшто е испратен. Во самиот Закон се наведени дека треба да се донесат дополнително подзаконски акти. Тарифник за спроведување на јавен повик по која цена ќе се изработи планот бидејќи освен што треба одлука за суспензија, треба да направите и повик за изработка на нов план“ – вели градоначалникот Богдановиќ. 

Барање мислење за суспензија на плановите е тоа што всушност испратила општина Центар но не и суспензивни елаборати, а тоа за ТВ24 го потврдуваат и од ресорното Министерство за транспорт и врски. И, додека институциите бараат начини за суспензија на планот, бизнисменот Зоран Антиќ за ТВ24 тврди дека има проект со кој скопјани ќе се гордеат.

0 Коментари

Остави коментари