Анкета: Покачувањето на цените најголем проблем за Грците

Покачувањето на цените е главниот проблем што ги загрижува Грците, според двете последни истражувања на јавното мислење спроведени за грчките телевизии „Скај“ и „Опен“.

Според анкетата на агенцијата „Pulse“ за ТВ „Скај“, спроведена во три дела, пред почетокот на Меѓународниот Саем во Солун, по обраќањето на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и по говорот на лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, 83 отсто од анкетираните рекле дека зголемувањето на цените, за нив е многу или доста важно прашање, а речиси исто толку важно, односно за 82 проценти од граѓаните е енергетскиот проблем.

Најголема загриженост, граѓаните изразуваат за трошоците за електричната енергија, а на второ место е храната.

Во второто истражување на агенцијата „MRB“ за телевизијата „Опен“, 56,2 отсто од анкетираните рекле дека проблемот што во овој момент ги засега е покачувањето на цените.

Согласно резултатите од двете истражувања, владејачката Нова демократија е во предност од 7,5, односно осум процентни поени пред опозициската СИРИЗА.

Истражувањето на „MRB“ за „Опен“  било спроведено од 19 до 21 септември 2022 година со анкетирани 1.000 лица, а анкетата на „Pulse“ за „Скај“ на 8 и 9 септември, од  12 до 15 и од 18 до 20 септември 2022 година.

Во првиот дел биле анкетирани 1.006 лица со право на глас, во вториот дел 1.105, а во третиот 1.012 лица.