Анкета ИРИ: Државата оди во погрешен правец
Али Ахмети е најпрепознатливиот политичар во земјата со 6 проценти покажува најновата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија која е објавена денеска а е направена во периодот април - мај годинава.
Иако според претходната анкета на ИРИ Груевски беше политичар со најголема препознатливост во Македонија сепак сега тој паѓа за едно место зад Ахмети со 5 проценти а исто толку има и Христијан Мицкоски. По нив со 4 проценти е премиерот Димитар Ковачевски , а со 3 претседателот на државата Стево Пендаровски за кој пак граѓаните дале нај позитивно мислење.
Сепак во делот на препознатливоста односно извесноста на политичари исто толку бодови по 3 имаат и Билал Касами и Зоран Заев, 2% доверба ужива Димитар Апасиев и 1% поранешниот претседател на Алијанса за Албанците Зијадин Села.
Кај партиите пак исто така сликата не е многу променета. На прашањето ако во најскоро време се одржат избори 19% одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ се изјасниле 11 проценти, ДУИ 8%, АА - 5%, Беса и Левица по 4.
Последната Анкета на ИРИ исто така покажува и зголемена поддршка за членство во ЕУ, но ниско ниво на доверба во владеењето на правото. На прашањето дали ја поддржувате интеграцијата на земјата во ЕУ дури 79% од испитаниците одговориле со ДА што покажува раст за 6% споредбено со претходната анкета која беше направена во октомври минатата година.
Како земји кои даваат најголема поддршка во евроинтеграциите на Северна Македонија со 32 проценти води Германија а по неа е Хрватска со 19, Словенија 14%. Како најголеми противници за пристапување на земјата во ЕУ според оваа анкета убедливо води Бугарија со 66 % а потоа Грција со 29% и Франција со 16%.
Во делот на правосудството односно правото само 31% од испитаниците одговориле дека законите важат исто и еднакво за сите додека 65% сметаат дека тоа не е така.
Граѓаните се со поделени мислења во однос на насоката според која се движи нивната локална самоуправа споредено со насоката во која се движи државата. Така, 28 отсто од испитаниците сметаат дека нивната општина се движи во вистинската насока, а само 14 отсто го мислат истото за земјата како целина.
На прашањето дали градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска добро си ја врши својата функција или е потребен нов кандидат за градоначалник. 29 проценти се изјасниле дека таа треба да биде ре избрана а пак 53% не се задоволни од нејзината работа и сметаат дека треба да се избере нов градоначалник.
Податоците за оваа анкета се собрани во периодот од 8 април до 4 мај. Учествувале 1.204 испитаници на возраст од над 18 години. Оваа анкета е извршена со поддршка од Националната фондација за демократија.