Ангеловска: Ќе го забрзаме растот на земјава со примена на дигиталните технологии
Foto

Ангеловска: Ќе го забрзаме растот на земјава со примена на дигиталните технологии

Сите можеме само да го забрзаме растот на нашата земја доколку ги примениме дигиталните технологии, дигиталните алатки во сите области во живеењето, тоа е една од целите што ќе се обидувам да ја туркам сега од Министерството, порача денеска министерката за финансии Нина Ангеловска на отворањето на „Фреја форумот“ во Собранието.

– Јас сум многу наклонета кон дигиталната технологија, дигитализацијата и користењето на дигиталните технологии во Владата, секаде каде што тие можат да додадат вредност, а верувам дека тоа е во сите сектори, рече министерката.

Таа верува дека дигитализацијата е решение за многу проблеми, додавајќи дека сите ние можеме да се справиме со предизвиците да се решат проблемите користејќи ја технологијата.

Регионалниот директор од Шведскиот синдикат за домување Јохан Пелинг се надева дека „Фреја проектот“ ќе има позитивен импакт во процесот на демократизација во Европа, особено во земјите од Западниот Балкан.

Додаде дека овој викенд дискусиите, мрежите, семинарите и работилниците ќе завршат со одлични спомени, со нови знаења и пријателства.

На „Фреја форумот“ учесниците викендов ќе говорат за предизвиците на дигитализацијата, како да се зголеми демократијата користејќи ги дигиталните алатки, како да се надмине јазот во однос на родовата рамноправност со користење на дигитализацијата, како дигиталните иновации можат да го поддржат одржливиот развој.

Форумот се одржува секоја година во различни земји каде доаѓаат истакнати говорници и експерти од различни области за човекови права, демократија, родова еднаквост, животна средина, претприемништво, дигитализација.

0 Коментари

Остави коментари