Ангеловска-Бежоска на конференција во Тирана: Банкарските системи во регионот имаат капацитет да поддржат забрзана конвергенција

Во изминативе неколку години имаше доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан, но таа се одвиваше побавно. За нејзиното забрзување од особена важност е справувањето со структурните пречки, за што е важна и поддршката од финансискиот систем, истакнала гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите од регионот што се одржа во Тирана во организација на Централната банка на Албанија и Асоцијацијата на финансиски институции на Албанија.

На панел дискусијата присуствувал и вицегувернерот Фадил Бајрами, како и гувернерот на Албанија, гувернерот на Косово и вицегувернерот од Црна Гора. Панел дискусијата ја водел Пол Томсен, поранешен директор на Одделот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд.

- Доходовната конвергенција во регионот, од 2019 година па досега, забрза просечно за околу 2,6 п.п., што е значително побавно во споредба со периодот пред глобалната финансиска криза. Сегашното нивото на доходот во регионот и натаму е ниско и изнесува околу 42 проценти од доходот во ЕУ. Причините за бавната конвергенција се главно структурни и можат да се поврзат со трите долгорочни фактори за раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. Оттаму, забрзувањето на конвергенцијата наметнува потреба од забрзување на структурните реформи, процес којшто е скап и за кој се потребни соодветни извори на финансирање, се наведува во соопштението од Народната банка. 

Според гувернерката, од голема важност е што банкарскиот систем добро се справил со претходните шокови и успеал да го зајакне својот капацитет за обезбедување соодветна финансиска поддршка за раст на економијата.

- Кај нас адекватноста на капиталот оствари највисок раст во регионот и е највисока во последните две декади, ликвидноста традиционално е на високо ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е значително подобар во однос на претпандемичниот период. Сепак, се очекува натамошно зголемување на степенот на финансиско посредување, но и негово унапредување преку поголема дигитализација. Значаен исчекор кон оваа цел може да биде и членството во Единствената област за плаќање во евра СЕПА, со што нашиот систем ќе биде поинтегриран во европскиот платежен систем, обезбедувајќи бројни придобивки за граѓаните и компаниите, истакнала гувернерката Ангеловска-Бежоска.