Ангеловска-Бежоска: Финансиската писменост на населението претставува предуслов за стабилноста на целиот финансиски систем

Една од лекциите научени од Глобалната финансиска криза во 2008 година е дека соодветната финансиска писменост на населението претставува предуслов и за стабилноста на целиот финансиски систем, бидејќи го намалува ризикот од прекумерно задолжување и неможноста за отплата на обврските кон финансиските институции. Со оглед на тоа дека финансиската стабилност е една од целите на централните банки, во изминатава декада тие станаа значајни двигатели на процесот на финансиска едукација во светски рамки, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање на настанот „Како до финансиска независност кај младите?“, организиран од страна на „Клуб Алпбах Македонија“.