Ангелов: Улогата на ЦУК ќе дојде до израз ако некој од селаните е во опасност

Петти ден без струја во дел од селата во Општина Дебрца, поради обилните врнежи од снег. Дополнителен проблем за жителите е и што нема телефонска мрежа и интернет.

Жителка од едно село во Дебрца вели дека се отсечени од светот и дека проблемот не лежи само во временските услови, туку и поради старата инсталација за електрична енергија. 

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, топката ја префрли на ЕВН и вели дека нивната улога ќе дојде до израз кога некој од селаните во овие села ќе се најде во животно загрозувачка ситуација. 

Од ЕВН велат дека поради дефекти на преносната и дистрибутивната мрежа, кои се резултат на обилните врнежи од снег, овие села останале без електрична енергија. 

- По санација на дефектот на високонапонската мрежа на МЕПСО, екипите на Електродистрибуција интензивно работеа во санација на дефектот на дистрибутивната мрежа во Дебарца. Вчера после 18 часот, најголемиот дел, односно околу 20 села добија електрична енергија и преостанаа уште 8 села. Во меѓувреме повторно се случи дефект и моментално место 8 села, без електрична енергија се околу 12 села. - велат од ЕВН.

По обилните снежни врнежи во делови на земјава за време на изминатиот викенд, дефектите со електричната енергија, како и поплавите, Стојанче Ангелов упати апел до граѓаните да ја следат временската прогноза и да избегнуваат да одат на повисоките места доколку се најавени обилни врнежи на снег.