Ангелов: Петровска меша “баби и жаби“ во предложениот закон за бранители

Законот за бранителите, предложен од СДСМ, а против кој се изјасни целиот албански блок и покрај тоа што влезе во собраниска процедура останува заглавен.

Лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов кој ја напушти Владата со СДСМ  токму поради тоа што не се реши статусот на бранителите  во Студио 10 на ТВ 24 вели дека предлог законот на опозиционерите не е спроведлив бидејќи треба да ги таргетира само бранителите од 2001 вата година,  а не и оние припадници на АРМ и војската кои ги загубија животите во други терористички инциденти. 

Славјанка Петровска,  потписник на законското решение му порача на Ангелов ако има подобар предлог да го поднесе. 

- Ако има подобар предлог нека го поднесе, јас ќе го поддржам. - вели Петровска.

Во предлогот на СДСМ, владејачката ВМРО ДПМНЕ препозна обид за создавање етничка тензија. Владејачката коалиција Вреди на предлог законот за бранители возврати дека ќе бара ист третман за припадниците на тогашната ОНА. Ангелов како дел од владејачката коалиција вели никогаш нема да поддржи вакво решение. 

Левица ја пишува кривичната пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи не  ја свикал  седницата на собраниската Комисија на  која треба да се разгледа Предлог-законот за бранители.

- Кога нашиот правен тим ќе ја спреми ќе ја поднесеме кривичната пријава. Најверојатно на почетокот на наредната недела. - велат од Левица.

Собранискиот спикер Гаши пак тврди дека не го крши деловникот и ќе бара да заседава Комисијата за деловнички прашања. Законот за бранители не ја тресе првпат политичката сцена, тој предизвика драма и во Владата на Никола Груевски и Али Ахмети, во 2012, кога со денови Талат Џафери читаше поезија и молчеше на матична комисија, блокирајќи го законот. И тој закон тогаш не го виде светлото на денот.