Ангелов: Бараме 70.000 евра отштета за семејствата на бранителите од 2001 година

Некои од семејствата на загинатите бранители од 2001 година, конкретно 15-ина семејства, како и десетина воени инвалиди, до ден-денес останаа необесштетени. Од страна на Достоинство во неколку наврати се преземени иницијативи и кон законодавниот дом почнувајќи од 2008 година кога предложивме нов закон за бранители, закон за посебни права на бранители, кој, за жал, тогаш не помина, вклучително и неколку иницијативи до Владата.

Ова го соопшти претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, и рече дека минатиот декември до Владата е поднесена и иницијатива за надминување на овој проблем, со кој се нуди решение за обесштетување на нивните семејства.

„Сè до денес оваа иницијатива не е разгледана, Владата ја нема отфрлено, но ниту прифатено. Од разговорите што ги имав со премиерот Ковачевски од него добивме поддршка, за жал, проблемот е во политичката партија ДУИ, иако на една од коалициските средби лидерот Али Ахмети најави дека ќе се најде решение“, посочи Ангелов.