Ане Бјорн во Скопје: „Магичен поглед“ низ детската имагинација и емоциите

Данската писателка и илустраторка Ане Бјорн гостуваше во Скопје на 20 и 21 октомври со програма од четири креативни работилници за деца, инспирирани од нејзината сликовница „Магичен поглед“.

Посетата беше дел од проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“ на издавачката куќа „Антолог“, а во средиштето на работилниците беа цртањето, раскажувањето, емоциите и начинот на кој детето преку сликата и зборот создава сопствен поглед кон светот.

Токму тој различен поглед е основата и на „Магичен поглед“ – книга во која имагинацијата не служи за бегство од реалноста, туку како начин таа да стане поднослива, разбирлива и повторно исполнета со можности. Во таа смисла, посетата на Бјорн во Скопје беше повеќе од книжевна средба: децата добија простор сами да влезат во процесот од кој се создаваат приказните и илустрациите.