Анџела Агелер-нова амбасадорка на САД во Македонија

Анџела Прајс Агелер е потврдена за нова амбасадорка на САД во Македонија. Таа ќе седне на столчето на Кејт Мери Брнз која ја извршува функцијата американски амбасадор од 2019-та. Агелер е дипломатка од кариера која веќе има искуство во Македонија, како службеничка за односи со јавноста во американската амбасада. Во нејзината официјална биографија објавена на сајтот на Белата Куќа меѓу останатите јазици стои дека зборува и македонски.

Фокусот на Агелер во земјата ќе биде борбата со корупцијата. Пред да биде одобрена, на Сенатската комисија за надворешни работи во Вашингтон порача дека во Македонија ќе развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од како што кажа - корумпираните актери

- „САД и Северна Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето“, вели Анџела Прајс Агелер.

Ќе работи на економската иднина на Македонија но и на градење отпор на надворешни влијанија, вклучително Русија и Кина. Агелер ветува дека ќе го помогне европскиот пат на Македонија.

- „Северна Македонија ги надмина тешките предизвици и направи тешки избори да направи историски чекори напред на нејзиниот пристапен пат. Доколку бидам потврдена, ќе се надоврзам на овие успеси за да го обезбедам тој пат напред“, изјавува Анџела Прајс Агелер.

Последната служба на Агелер е заменик-шеф на мисијата во амбасадата на САД во Пакистан. Во дипломатската карера има работено на различни функции во Стејт департментот, потоа како советник за односи со јавноста во амбасадата на САД во Париз, била на дипломатски задачи во американските амбасади во Унгарија, Виетнам и Буркина Фасо и во конзулатот во Ченај, Индија. Идната амбасадорка е мажена за високиот службеник за надворешни работи, Брајан Агелер.