Андоновска во 24 анализа: Жртвата ја повлекува пријавата за насилство кога нема кој да застане зад неа

Обвинителката во Јавното обвинителство Скопје, Спасенка Андоновска во 24 анализа рече дека кога жртвата ќе се одлучи да пријави насилство потребно е да и се даде сигурност и заштита.

Според неа, ваквите чекори се важни за жртвата да не ја повлече пријавата.

„Институциите треба да одговорат со сите капацитети и свесни сме дека не сите случаи завршиле со фемицид но свесни сме дека фемицидот е последица од насилство. Повлекувањето од постапката е последица од многу аномалии детектирани, нема кој да застане зад неа и повлекувањето автоматски значи завршување на таа постапка. Треба да се работи на измени на законите. Битно е од почеток на пријавата и Центарот за социјална работа и невладините да се вклучат со обезбедување на соодветни мерки кои ќе и дадат сигурност, кога ќе се почувствува сигурна ќе биде истрајна“, рече Андоновска.

Таа зборуваше и за тоа дека истрагата за фемицид треба да оди наназад со цел да се откријат мотивите на сторителот.

„Истрагата треба да е внимателна и да оди наназад до изворот на проблемот кој се манифестирал со убиство на жена. Родово базираното насилство е дефинирано во законот но битно е да се сфати концептот и суштината и тоа е предизвик за јавниот обвинител и не секое убиство значи фемицид. За да ја истражите постапката треба да се обезбедат докази кои ќе помогнат за дефинирање на основните причини и мотивација што довела сторилтеот да го направи тоа. Треба да се истражат сите податоци и релевантни информаци што ќе ни ја дадат реалната слика. Пријави, постапки кои често завршуваат со повлекување, правосилни пресуди. Битно е да се истражува однесувањето на жртвата до моментот на случување на дејството и какво било однесувањето на сторителот. Изјави на блиски лица, пријатели, колеги, соседи тоа се се доакзи кои ќе помогнат во истрагата“, додаде Андоновска.