Андоновска се надева дека Обвинителството ќе реагира за утврдените неправилности во ИЈЗ, екс директорот демантира

Не оделе на работа со години, а добивале плата.....На колеги им давале пари за да ги отчукуваат со картички во системот за евиденција.

Архиварка земала плата од 98.000 денари, бидејќи и се пресметувала и приправност иако не била во таа категорија..... 

На вработени им се давале плус договори на дело во висина од 44.000 до 88.000 денари за додатоци – како на пример, чистење двор.  

Актуелната директорка на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, го обвини претходното раководство за овие неправилности во работењето, еден ден откако Државниот завод за ревизија објави наоди за пропусти во институцијата. 

Д-р Марија Андоновска – Институт за јавно здравје: „Одев по канцеларии и ги прашував извинете вие што работите како можам да ве мотивирам во иднина, како вие како работник би биле помотивирани да работите и тој вели па не знам. Ама што работите, која е вашата дневна обврска еве што завршивте денеска.....И на мое инсистирање ми вели па знаете како - јас не доаѓам баш на работа.... Дел од овие лица се заминати бидејќи тие си имале практично и други работни обврски, можеби се останати двајца тројца од нив, но освен искрено признавање немаме некој друг доказ па можеби надлежните институции ќе можат да истражат“..... 

За поранешниот директор Шабан Мемети рече дека земал плата над 100.000 денари спротивно на колективниот договор, а вработувал и административци без положен административен испит..... 

Андоновска вели дека за овие неправилности веќе ги известила дел од надлежните институции и очекувала обвинителството веќе да реагира. 

Екс директорот Шабан Мемети пак ги негира обвинувањата на негова адреса. Вели дека ревизорскиот извештај го опфаќа и менаџирањето на Андоновска и излезе со контра прашања до неа. 

Д-р Шабан Мемети – Поранешен директор на Институт за јавно здравје: „Колку вработени беа отпуштени или заминаа од ИЈЗ по вашето доаѓање, а колку нови лица се вработени? Ќе ги објавите ли нивните квалификации, работно искуство и начинот на избор?Дали можете да гарантирате дека ниту едно од нововработените лица нема партиска функција или активна партиска ангажираност и дека сите се избрани исклучиво по мерит-систем? Ако претходното раководство е одговорно за сите проблеми, како објаснувате што голем број искусни вработени заминаа токму за време на вашиот мандат? “

Државната ревизија во институтот за јавно здравје утврди низа неправилнсоти.  Од обвинителството велат дека ако го добијат извештајот ќе ги проверат наводите.