Андонов во СТУДИО 10: Случајот со убиствата на Вања и Панче е трагичен, но мора да се почитува пресумпцијата на невиност
Се работи за класично сторено дело убиство кое полицијата дефинираше дека е извршено од користољубие и за двете убиства. Емоциите се една работа, и јас како родител и дедо можам да кажам дека се силни емоциите, но тоа не влијае на законот што го применува една држава. Треба да се избегнат сите политички поврзувања се додека тоа не се утврди. Второ, во ситуација на сензибилна јавност се поттикнува на јавен линч и тоа не е во ред. Обвинетите се во фаза на основано сомнение. Вербалниот доказ и не е доказ, можеби има материјални докази, а ако е така ќе бидат осудени на суд. Пред тоа да се случи некој се обидува да добие политички поени и стимулира јавна омраза кон тие луѓе. Дали за кривично дело што ќе го стори поединец мора да знае и едно семејство? И тие семејства сега се стигматизираат. Пресуда не може однапред да изрекува министер или премиер. Во тек на судска постапка можеби осомничените ќе бидат ослободени, вели универзитетскиот професор Оливер Андонов во СТУДИО 10 на ТВ 24.
- Сите во овој град го познаваат Љупчо Палевски. Се среќавал и со новинари и со политичари, бил и член на една политичка партија. Дали треба да ја укинеме таа партија? Дали новинари блиски до ВМРО-ДПМНЕ немаа блиски односи со тој човек? Политизацијата се предизвикува од еден криминален чин. Ова е гледање на раската во окото на другиот а не гредата во твоето, вели Андонов.
Андонов апелира на смиреност, луѓето да не се озлобуваат и да остават органите да си ја завршат работата.
- Кога имате состојба кога министер за внатрешни работи се обидува од случај да направи политички ПР, логично е истото да се прави и на социјалните мрежи. Ако јас се однесувам вулгарно, вие треба да ја прекинете емисијата. Но, државата има други обврски и мора да реагира на навреди и клеветење. Сепак, системот не изреагира, а требаше да му биде забранет јутјуб каналот на Палевски каде го правеше тоа. Исто така, требаше да има брза судска пресуда за тоа што е фатен со оружје како бара злато, вели Андонов.
Тој смета дека на таа прес конференција требаше да биде директорот на БЈБ, а не да го слушаме министерот кој не работи на истраги.
- Извршен е и претрес во политичка партија. Сериозно прашање е дали партијата Десна учествувала во убиството? Има членови и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои извршиле кривично дело. Дали тоа значи дека и овие партии треба да се укинат?, вели Андонов.
Прашањето што јас го поставувам, вели Андонов, зошто ако Палевски бил дел од проруска пропаганда во Македонија МВР не реагирала на време за тоа туку се користи едно кривично дело за кое Палевски е осомничен се користи односно злоупотребува.
- Хипотетички, ако сторителите не го сторија ова кривично дело ќе реагираше МВР за загрозување на државната безбедност?, вели Андонов.