Андонов во СТУДИО 10: Не ме изненадува што Анѓушев е на црната листа, со Македонија владејат семејства на олигарси
Универзитетскиот професор Оливер Андонов во СТУДИО 10 на ТВ 24 вели дека за него не било изненадување што Кочо Анѓушев се најде на американската црна листа и очекува дека ќе се најде и брат му, оти таква е структурата на тие олигарски семејства кои ја владејат Македонија.
- Очигледно кога нема волја во политиката на државата, настапуваат вакви постапки однадвор, вели Андонов кој додава дека неговата фракција во ВМРО-ДПМНЕ постојано укажува на ова, а дека Анѓушев е спонзор на двете најголеми политички партии. - Со што Анѓушев ги задолжил државните функционери за да присуствуваат пред две недели на забава што тој ја организираше?, додава Андонов.
- Во нивните случаи дравата или не реагира или бавно реагира или се менуваат закони, вели Андонов и додава дека таквите олигарси сториле други кривични дела кои не се директно убиство но придонеле за уништување на семејства.
Андонов вели дека Американската амбасада неколку пати реагира во последните месеци на оваа тема и за тоа има геополитички причини оти ние сме дел од НАТО и треба да бидеме во ЕУ, а САД нема да дозволат да се распаднеме.
- Не знам зошто на мојата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ ѝ треба да влегува во конфликт со САД кој е нашиот стратешки партнер, вели Андонов во врска со интевјуто на претседателот на таа партија Христијан Мицкоски. - Толкавата желба за власт и наратив кој не доведе до судир со САД не е политички добра постапка и тоа предизвика од американска страна да има пораки кои посочуваат, на пример, дека „не би купиле половен автомобил од Мицкоски“ што укажува дека сметаат оти тој е измамник, додава Андонов.
Граѓаните треба да внимаваат за кого ќе гласаат, порачува Андонов. Тој вели дека не им верува на анкетите оти до изборите има уште време. Неговата фракција ќе учествува на изборите и ќе се обиде да го „преуми“ ВМРО-ДПМНЕ да го смени наративот.
- Нашата фракција е вистинското ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски се однесува како проруски франкционер. ВМРО-ДПМНЕ е формирана како прозападна и треба да го одржува тој правец. Нема да ги коментирам идните избори, но знам дека ќе има многу турбуленции. ВМРО-ДПМНЕ мора да го промени својот став оти не е битна нечија политичка кариера туку е битна Македонија, заклучува Андонов.