Андонов: Состојбата со електро-енергетскиот сектор е стабилна, но секоја заштеда е важна

Соработникот за енергетика во Владата на Република Северна Македонија Виктор Андонов, на денешната прес-конференцијата ги соопшти најновите информации кои се однесуваат на енергетска состојба во земјава. Со ова Владата продолжува со редовното и транспарентно информирање на јавноста за состојбите во енергетскиот сектор.

Како што информираше соработникот за енергетика препораките за заштеда на електрична енергија веќе се спроведуваат од институциите, за што се доказ бројките од месец октомври кои покажуваат дека државните институции успеале да заштедат 24 отсто електрична енергија. Владата на Република Северна Македонија со посветениот и одговорен пристап на сите свои вработени заштедила вкупно 32 отсто на електрична енергија.

Андонов потврди дека трендот на заштедите на електрична енергија е во нагорна линија и дека во септември во споредба со истиот месец лани имавме 20 отсто заштеди на електрична енергија, а веќе во октомври констатираме дека имаме пораст и тој изнесува 24 отсто во споредба со октомври 2021 година.

Соработникот за енергетика Андонов апелираше дека во периодот што следува сите треба да сме максимално одговорни.

„Заради пониските температури да бидеме уште повнимателни во користењето на електричната енергија за да го продолжиме овој тренд на намалување на потрошувачката, односно да продолжиме со зголемување на заштедите. Како одговорна Влада, одговорно менаџираме со ресурсите. Сакам да се заблагодарам до сите колеги вработени во Владата и до сите вработени во државните институции кои покажаа висока свесност за состојбата во која се наоѓаме и евидентно, бројките покажуваат резултат со заштеда која е нотирана веќе втор месец по ред“, истакна Андонов.

Тој порача дека секоја мала промена на навиките може да доведе до голема заштеда на електрична енергија и ресурси и дека заштедите се многу важни за да имаме стабилен енергетски систем и да ја намалиме оптовареноста.

На прес-конференцијата соработникот за енергетика го презентираше дневниот енергетски биланс за производството на електрична енергија од вчерашниот ден, 22-ри ноември.

„Вчера беа произведени вкупно 10.199 MWh електрична енергија од кои 7.525 MWh од термоелектраните, додека 2.674 MWh од обновливи извори, а набавени се 4.580 MWh електрична енергија. Со овие количини на електрична енергија, произведени во домашните енергетски постројки и од набавката на електрична енергија, задоволени се целосно потребите на сите корисници на регулираниот пазар, односно за домаќинствата и малите потрошувачи. Состојбата со електро-енергетскиот систем во овој момент е стабилна. Продолжуваме посветено да ја следиме на дневно ниво и да носиме соодветни одлуки кога за тоа ќе има потреба“, истакна Андонов.

На медиумскиот интерес, зошто во време на енергетска криза не се рестартира старата идеја за „Вардарска долина“ како енергетски ресурс на кој би можеле да се изградат преку стотина мали проточни хидроцентрали, Андонов  потсети дека овој проектот датира од пред повеќе од 30 години е еден од оние кои се во плановите на ЕСМ и кој се наоѓа во Стратегијата за развој на енергетиката. Со оглед на тоа што АД ЕСМ е државната компанија и за развој на нови капацитети, проектот „Вардарска долина“ е ставен во нивните планови и во изминатиот период. Во моментов се изработуваат дополнителни анализи за можностите на кои локации можат да се изградат малите проточни хидроелектрани со оглед на тоа што студиите со кои располагаме се постари од 50 години и потребно е да се направи обновување на податоците.