Анастасовски: Казните не смеат да изостанат, за да се спречи понатамошно ширење на девијантно однесување

Гимназијата Јосип Броз Тито, ги презема сите мерки за решавање на случајот во кој две девојки тепаат нивна соученичка. Ова за ТВ 24 го изјави директорката Силвана Кржаловска без да прецизира какви активности се преземаат за расчистување на случајот. Не сакаше да одговори ниту дали посетуваат настава истепаното девојче, ниту пак средношколката насилник.

Од друга страна, од Обвинителството велат дека се постапува по случајот.

- Јавен обвинител од Одделението за малолетни сторители на кривични дела при Основното јавно обвинителство Скопје е известен за настанот. Дадени се насоки за постапување, - велат од Јавното обвинителство.

Од обвинителството не сакаа да дадат повеќе информации со оглед на возраста на учесниците во тепачката. Според универзитетскиот професор Иван Анастасовски причина за се позачестеното вандалско однесување помеѓу младите се содржините кои без никакво ограничување се гледаат на социјалните мрежи, а во кои се застепени насилства.

Одговорност, Анастасовски бара во институциите. Според него, казните не смеат да изостанат, за да се спречи понатамошно шириње на девијантно однесување.

Родителите на истепаното девојче за ТВ 24 велат дека постапката правно и законски ќе ја тераат до крај за да се прати пораката дека мора да се превенираат и во иднина вакви или слични случаи.

Повеќе од 400 деца и млади од Македонија учествувале во анкетатана Ју Репорт за безбедноста на интернет, спроведена на интернет. 18 проценти сметаат дека основна причина зошто опстојува онлајн насилството е недостиг од информации и знаење додека дури 41 отсто веруваат дека институциите не го сфаќаат сериозно проблемот.