Анализа за ефикасност на вакцините

Ефективноста во спречување смрт од ковид-19 на примени две дози вакцина од било кој производител    изнесува 94.064% во Македонија - стои во истражувањето на д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант-истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм, во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство во  Министерството за здравство. 

Вкупно 30 136 лица биле хоспитализирани од КОВИД-19 од почетокот на епидемијата во земјава (26.02.2020) до 30.09.2021, од кои 6 542 починале (21.708 отсто од хоспитализираните). Просечната возраст на хоспитализираните изнесувала 61 година, а 56.5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14.8 дена, а половина од испитаниците умреле во рок од осум дена по хоспитализација. Сите оние кои биле хоспитализирани пред да бидат вакцинирани со прва доза биле класифицирани како невакцинирани случаи. 

Во моментов земјава се наоѓа во пост ковид состојба, смета директорот на Градската Општа болница 8-ми септември, Христијан Костов. Во болницата шеесетина лица се со потешка клиничка слика. 

Како последица на вирусот се јавуваат мозични и срцеви удари –велат лекарите.  

Според здравствените власти една доза вакцина не е доволна да се спречат тешките исходи и апелираат граѓаните да примат втора и трета бустер доза. Според истражувањето сите вакцини во земјава покажале висока ефективност, над 91 отсто во спречување смрт од ковид-19.