Анализа буџет: Државата ќе повеќе ќе троши за социјални трансфери, плати и пензии, отколку за капитални инвестиции

Владата планира да потроши повеќе пари за јавната администрација, пензионерите и најранливите категории, за земјоделците и за општините од она што го планирале нивите претходници.

Само овие пет категории ќе изедат близу 400 милиони евра повеќе од претходно планираното. Социјалните трансфери ги трошат повеќе од половината пари од буџетот, а со ребалансот кој пред два дена го претстави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, планирано е таму да отидат дури 2,76 милијарди евра. Најкритикуваната ставка стоки и услуги, за која многу експерти велат дека таму влегува се за што е тешко да се обезбеди покрие, повторно е на високи 411,5 милиони евра, што е три милиони повеќе од претходно планираното. На сметка на тоа, капиталните расходи бележат намалување за 2,6 милиони евра.

- Планирани се значајни инвестициски вложувања со буџетски средства во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од Коридорот 8, и тоа: делницата Тетово – Гостивар / проширување на автопат, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делницата Гостивар - Букојчани, но и на делницата Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10д. Дополнително, во делот на патна инфраструктура преку ЈПДП ќе биде изготвена физибилити студија за изградба на патот Тетово - Призрен.

Од друга страна, новата влада очекува помалку пари од ДДВ во следните шест месеци, од она што нивните претходнивци го проектирале. Со ребалансот на буџетот од ДДВ државата планира да собере 36,4 милиони евра помалку, а тоа го темели врз основа на трендот на собирање на парите по вој основ во првите шест месеци од годинава. 18,4 милиони евра помалку ќе има и од акцизи. Тоа се единствените две ставки во приходната страна на ребалансираниот буџет, кои имаат надолна линија.

И покрај ова, Владата ја крена приходната страна за нешто над 130 милиони евра. Најоптимистичка е кај придонесите. Оттаму планира да собере речиси 69 милиони евра повеќе од планираното на нивните претходници. Тоа го темели на најавите за отворање нови работни места. Со ребалансираниот буџет, оптимистички се прогнозите и за бизнисот, откако финансии пресметале дека во буџетот ќе се слеат 26,6 милиони евра повеќе по основ на данок на добивка.

- Земени предвид се и ревидираните проекции на макроекономските индикатори, како Бруто домашниот производ (БДП), вкупната потрошувачка, увозот и сл., порастот на просечната плата, поголемата профитабилност на компаниите и сл., како и очекувањата за подобрена наплата на даночните приходи поради намалување на сивата економија, засилена даночна контрола и поедноставување и дигитализација на даночните постапки.

Со ребалансот, Владата го зголеми дефицитот, кој сега ќе изнесува 726 милиони евра. Буџетската дупка ќе се крпи со позајмување, а за прв пат во последните шест години, државата повеќе ќе се заборчи дома, отколку во странство. Од домашните финансиски институции ќе се позајмат 904, а од странски 788 милиони евра.

Со овие пари ќе се вратат 635 милиони евра стари долгови, а со останатите пари ќе се финансира се она што владата го предвидела, а и фалат пари од сопствени приходи. Новиот ребалансиран буџет тежи рекордни 5,2 милијарди евра.